r e : v o l t

revolt: the film // revolt: филм


re:volt: the project // re:volt: проект


news // вести


past re:volts // претходни re:volt


artists // уметници


partners // партнери


press // прес


contact // контакт


 

     r e : v o l t е омаж и посвета на „Револт“, аматерски филм кој Стефан Сидовски го снимил во 1977 година во Скопје, Македонија. Замислен е токму како омаж и посвета за да се трансформира во точка на повторливост: повторна продукција, повторно вложување, повторно оживување, повторно испитување. Замислен е токму како омаж и посвета за да се креира платформа која ќе овозможи и понатаму центрифугално да се шири неговата енергија, неговата свежина и страст. „Револт“ е аматерски филм, направен единствено од љубов. А re:volt сака тоа да остане така – зашто смета дека љубовта со која нешто се прави е поблагородна од какво било признание или стручност. Ова е омаж за моќниот чин на правење нешта од љубов.

     r e : v o l t означува две дејствија: да се бунтува и да се премотува. Во основата на неговиот концепт, на затворањето на еден цел круг, се два круга: еден што се врти во насока на стрелките на часовникот и еден што се врти обратно. Притоа, постои надеж дека часовникот нема да се врати во својата првична положба: се надеваме дека по затворањето на кругот, ситуацијата се сменила – револтот не е или барем не треба да биде „туризам“. Така, проектот се занимава со две движења: желбата „Револт“ да се менува секојпат, да станува различен филм, различен предмет, различен концепт во секоја револуција, а истовремено, да биде чин на премотување на лентите со цел да се преслуша одново, да се ужива повторно во сегашноста со даровите од минатото. „Револт“ ќе се менува секојпат: како стара сакана плоча, ќе го насобира пуцкањето, чкрипењето и шуштењето, трагите од претходните преслушувања. Со секоја револуција ќе станува помалку совршен, но истовремено и поскапоцен, носејќи ги белезите од својот непрекинат одек низ времето, носејќи ги спомените од прекрасни вечеринки. Токму на тие несовршени задоволства re:volt им се враќа, им одолева, настојува.

     r e : v o l t е одговор, и функционира по логиката на повик и одговор. Повикува и не знае кој ќе одговори ниту, пак, како ќе одекнува неговиот повик низ просторот и времето. Не знае какви страсти ќе расони или разбуди, не знае како јазикот негов ќе се зборува, не знае каква иднина го чека. Расте ли расте заради радосната несигурност, заради непресметливата великодушност.

     r e : v o l t е спрега меѓу генерации, земји, култури. Од тогаш до денес, од тука до таму, од нив до нас, од нас до тебе... Направен во Скопје – градилиште во изминатите 50 години, град во постојано менување, станување, преградување – транформацијата не му е многу далечна. Знае дека може да му понуди нешто од тоа менување, нешто од енергијата што постојаното менување ја носи, на секој уметник од кое било опкружување. re:volt ја кани туѓата фантазија да го насели македонскиот запис, тој е покана заедно да се размислува, заедно да се фантазира, да се преземе креативна контрола и да се извлече задоволство од дезориентираноста. Игрите може да почнат: „Револт“ е македонски филм од 1977 година, а re:volt може да биде сè што ќе посакаш.

     r e : v o l t е ре-, но и пост-. Пост- го сместува во сегашниот континуум: навестува дека доаѓа отпосле, но навестува и дека крај нема. Настојува да запомни дека архивите се секогаш составени од неофицијални, аматерски и споредни случувања зашто трага по неофицијалното, аматерското, споредното присвојување и поврзување. Настојува да ги запомни овие случувања зашто настојува да дава сила: да им дава сила на авангардата, андерграундот, секогаш оставајќи ја отворена идејата за експериментирање. Филмот е направен во нултата година на панкот; нашата енергија е пост-панк - ја создава и ѝ дава сила на алтернативната култура денес зашто има верба во она што го носи денот утре.

     Револтот пркнува на најнеочекуваните места: никогаш не знаеш каде, кога, како ниту зошто. re:volt сака тоа да не се заборави, па затоа не само што се нуди себеси за употреба каде било, кога било и од кого било, туку и се вметнува во невообичаени контексти: re:volt е љубопитен, и сака да оди на разни места. Негови омилени места се фестивалите на другите, забавите на другите, проектите на другите. Тој е непоканетиот гостин со кого на крај домаќинот не престанува да зборува сè до зори. И сака да те запознае.

     Најпосле, „Револт“ на Сидовски е филм за група пријатели. Решен одново да ја измисли архивата, овој проект е нејзина противтежа: наместо да создава документи од настани, сака да создава настани од документи. Постојат неколку правила, а едно од нив е присуството на жива публика и организирање јавен настан. Зарем не поминуваме веќе доволно време со архивските материјали низ дома? Премисата е следна: група пријатели, празен град, жежок летен ден. И сè e возможно!

 

Ѓорѓи Јаневски и Флора Питроло